A A A A A
Facebook Instagram Twitter
Свето Писмо 1999 (MNT)

Ефесјаните 6



1
Деца, бидете им послушни на своите родители бидејќи вие Му припаѓате на Господ. Тоа е примерно поведение.
2
Првата од Десетте заповеди што содржи и ветување гласи: „Почитувај ги своите татко и мајка.“
3
А ветувањето е: „за да ви биде добро и долго да поживеете на Земјата.“
4
Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење.
5
Робови, бидете им послушни на вашите земни господари, со страхопочит, искрено, од се срце, како да Му служите на Христос.
6
Работете чесно, не само кога ве гледаат, и не за да ја добиете нивната наклоност, туку како робови на Христос кои од се срце ја исполнуваат Божјата волја.
7
Ревносно исполнувајте ги вашите должности, правејќи го тоа како за Господ, а не како за луѓето,
8
зашто знаете дека секој што прави добро, било да е роб или слободен, ќе биде награден од Господ.
9
Истото важи и за вас, господари. Однесувајте се спрема вашите робови според истите принципи и немојте да им се заканувате, зашто знаете дека и тие и вие имате еден ист Господ на небото, кај Кого нема пристрасност!
10
На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ.
11
Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот.
12
Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори.
13
Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени.
14
Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот на праведноста,
15
обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир.
16
Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот.
17
Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово.
18
Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.
19
Молете се и за мене, кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест,
20
иако сега сум во окови токму поради тоа што, како Божји пратеник ја проповедам Радосната вест. Молете се да продолжам смело да зборувам, како што и треба.
21
Тихик, мојот драг брат по вера и верен помошник во работата за Господ, ќе ви каже како сум и што правам.
22
Токму заради тоа го испраќам кај вас, за да ви каже што правиме ние и да ве охрабри.
23
На сите христијани таму им посакувам мир и љубов со вера што доаѓа од Бог Таткото и од Господ Исус Христос.
24
Бог нека им биде благонаклонет на сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос со љубов што не гасне.











Ефесјаните 6:1

Ефесјаните 6:2

Ефесјаните 6:3

Ефесјаните 6:4

Ефесјаните 6:5

Ефесјаните 6:6

Ефесјаните 6:7

Ефесјаните 6:8

Ефесјаните 6:9

Ефесјаните 6:10

Ефесјаните 6:11

Ефесјаните 6:12

Ефесјаните 6:13

Ефесјаните 6:14

Ефесјаните 6:15

Ефесјаните 6:16

Ефесјаните 6:17

Ефесјаните 6:18

Ефесјаните 6:19

Ефесјаните 6:20

Ефесјаните 6:21

Ефесјаните 6:22

Ефесјаните 6:23

Ефесјаните 6:24







Ефесјаните 1 / Ефе 1

Ефесјаните 2 / Ефе 2

Ефесјаните 3 / Ефе 3

Ефесјаните 4 / Ефе 4

Ефесјаните 5 / Ефе 5

Ефесјаните 6 / Ефе 6