A A A A A
Библија за една година
Септември 22

2 Коринтјаните 13:1-13
1. Ова ќе биде третпат како доаѓам кај вас. „Секое обвинение мора да биде потврдено од двајца или тројца сведоци“ - вели Светото Писмо.
2. Во текот на мојата втора посета ве предупредив, а и сега, кога не сум кај вас, однапред ги предупредувам оние што порано грешеле, а и сите други: кога овојпат ќе дојдам, нема да ве штедам!
3. Барате доказ дека преку мене зборува Христос!? Ќе добиете! Тој не е немоќен да излезе на крај со вас! Ви има покажано колку е моќен.
4. Кога Христос беше распнат, се чинеше дека е слаб, но Тој е сега жив преку Божјата моќна сила. Така и ние што сме со Него изгледаме слаби, но ние живееме со Него преку Божјата сила, со која ќе истапиме спрема вас.
5. Проверете се и проценете дали ја имате вистинската вера! Дали Исус Христос живее во вас? Ако не, вие сте лажни верници!
6. Се надевам дека ќе се уверите оти ние не сме лажни верници.
7. Му се молиме на Бог да не правите ништо лошо. Не со цел да се докажеме ние, туку за да постапувате правилно вие, па макар и да не сметате за лажни верници.
8. Наша должност е никогаш да не и се противставуваме на вистината, туку цврсто да застанеме на нејзина страна.
9. Се радуваме кога сте вие силни во верата, па макар да не сметате нас за слаби. Се молиме одново да станете зрели христијани.
10. Затоа и ви го пишувам ова, пред да дојдам кај вас, за да не бидам принуден да постапам строго кога ќе дојдам, употребувајќи ја власта што ми е дадена од Господ. Зашто таа власт ми е дадена за да изградувам, а не да уривам.
11. На крајот, драги пријатели христијани, сакам да бидете радосни. Стремете се кон духовна зрелост, охрабрувајте се еден со друг, трудете се да живеете во слога и мир. Тогаш Бог, Кој е извор на љубов и мир ќе биде со вас.
12. Поздравете се меѓусебно со изрази на искрена љубов. Ве поздравуваат сите овдешни христијани.
13. А сега, над секој од вас нека бдеат милостивата благонаклоност на нашиот Господ Исус Христос, Божјата љубов и пријателската придружба на Светиот Дух!