1 Коринтјаните 7:20-40 |
20. Секој нека остане во онаа состојба во која бил кога Бог го повикал. |
21. Ако си бил роб кога Бог те повикал да поверуваш во Христос, и се уште си роб - не вознемирувај се! Но ако ти се укаже можност да станеш слободен, искористи ја. |
22. А за Господ, оној што бил повикан како роб, е слободен, а оној што бил повикан како слободен човек, сега е роб на Христос. |
23. Скапо сте платени и сега и едните и другите сте „Христови робови“, и немојте на никој друг да му слугувате! |
24. Значи, драги пријатели, секој нека остане во ситуацијата во која ве затекнал Божјиот позив. |
25. За девојките немам посебна заповед од Господ, но можам да ви го кажам моето мислење и сметам дека можете да ми верувате како на човек спрема кого Господ покажал милостива благонаклоност. |
26. Сметам дека, поради тешкотиите низ кои сега минуваме, добро е човек да остане во состојбата во која е затекнат. |
27. Ако си во брак, не барај развод, а ако не си, не настојувај да стапиш во брак. |
28. Ако сепак стапиш во брак, тоа не е грев. Ако една девојка стапи во брак, тоа не е грев. Но, ќе помине низ многу овоземни неволи од кои се обидувам да ве поштедам. |
29. Она што сакам да ви го кажам, драги мои, е дека времето што ни преостанува е кратко: Господ брзо ќе дојде, па малку е важно дали сте во брак или не. |
30. Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не, |
31. дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема. |
32. Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ, |
33. а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга. |
34. Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг. |
35. Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание. |
36. Ако некој има девојка во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев! |
37. Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик. И во тој случај добро ќе направи. |
38. Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец. |
39. Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ. |
40. Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене. |