A A A A A
Библија за една година
Август 12

Римјаните 11:19-36
19. Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“
20. Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит.
21. Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди!
22. Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени!
23. Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа.
24. Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво!
25. Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос.
26. Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо: „Избавителот ќе дојде од Ерусалим и ќе ги обрати Израелците од сета нивна безбожност.
27. Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив и ќе ги отстранам нивните гревови.“
28. Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци.
29. А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува.
30. Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас.
31. Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост.
32. За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост.
33. О колкава длабочина и богатство има во мудроста и знаењето на Бог! Колку тешко можеме да ги сфатиме Неговите одлуки и начинот на кој Тој дејствува!
34. „Кој може да знае што мисли Господ? Кој има толкаво знаење за да Му биде советник?“
35. „Кој Нему нешто Му дал, па да очекува да му биде вратено?“
36. Се доаѓа од Него и се се одржува во живот преку Него. Се е Негово. Нему нека Му е слава во вечни времиња! Амин.