Дела 14:1-27 |
1. Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. |
2. Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. |
3. И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. |
4. Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите. |
5. Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, |
6. апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. |
7. Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест. |
8. Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. |
9. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, |
10. гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде! |
11. Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ |
12. Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. |
13. Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите. |
14. Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: |
15. „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! |
16. Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. |
17. Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ |
18. Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви. |
19. Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов. |
20. Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба. |
21. Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија, |
22. за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи. |
23. Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив. |
24. Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија. |
25. Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија |
26. од каде со брод се вратија во сириска Антиохија, град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена. |
27. Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата. |