A A A A A
Библија за една година
Јули 5

Дела 13:1-25
1. Меѓу пророците и учителите во антиохиската црква беа и Барнаба, Симон наречен ,Црнец‘, Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот Ирод, и Савле.
2. Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“
3. Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.
4. Савле и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селевкија, а оттаму отпловија за островот Кипар.
5. Таму, во градот Саламис, одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.
6. Го поминаа целиот остров, се до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус. Тој се занимаваше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк.
7. Од друга страна, тој му беше пријател на Сергиј Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Савле, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака.
8. Маѓепсникот Елимас (така го викаа на грчки), им се противстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин.
9. Тогаш Савле, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓепсникот в очи
10. и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавства! Ѓаволски син си, непријател на се што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!?
11. Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“ Маѓепсникот веднаш ослепе и талкаше наоколу, молејќи се некој да го фати за рака и да го води.
12. Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.
13. Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.
14. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија.
15. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“
16. Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете!
17. Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму.
18. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината.
19. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците.
20. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил.
21. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години.
22. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘
23. Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус.
24. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат.
25. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘