Дела 27:27-44 |
27. Кога дојде четиринаесеттата ноќ, откако бурата не фрлаше наваму-натаму низ Адријанското Море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно. |
28. Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри. |
29. Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви од задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне. |
30. Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштаат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви. |
31. Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“ |
32. Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови. |
33. Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста. |
34. Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“ |
35. Кога им го рече ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да крши од лебот и да јаде. |
36. Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат. |
37. На бродот имаше двесте седумдесет и шест души. |
38. Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот. |
39. Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот. |
40. Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното платно спроти ветрот и се упатија накај брегот. |
41. Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите. |
42. Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне, |
43. но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното, |
44. а другите да се спасуваат на штици и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копното. |