Дела 23:16-35 |
16. Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле. |
17. Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“ |
18. Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“ |
19. Полковникот го фати за рака момчето, го одведе настрана и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“ |
20. Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем да имаат намера поподробно да го испрашаат. |
21. Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, се додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“ |
22. Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот. |
23. Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареја. |
24. Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“ |
25. Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина: |
26. „Од Клавдиј Лисиј, до почитуваниот гувернер Феликс. Ве поздравувам! |
27. Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. |
28. Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. |
29. Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски Закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. |
30. Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“ |
31. Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. |
32. Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареја. |
33. Кога пристигнаа во Цезареја, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. |
34. Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која покраина потекнува, па кога дозна дека е од Киликија |
35. му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата. |