Дела 21:18-40 |
18. Следниот ден Павле, заедно со нас, отиде да го посети апостолот Јаков. На средбата присуствуваа и сите старешини од црквата во Ерусалим. |
19. Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што се Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија. |
20. Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. |
21. Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите. |
22. Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде. |
23. Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите. |
24. Оди со нив во храмот и придружи им се во церемонијата на исчистување, плати им да си ги избричат главите и сите ќе знаат дека она што го слушнале не е вистина, туку дека и самиот ти се придржуваш до еврејските закони. |
25. Што се однесува до неевреите - христијани, се што ние бараме од нив, веќе им го напишавме во писмо: да не јадат храна наменета како жртва на идоли, да не консумираат крв, да не јадат месо од задавени животни и да се пазат од блуд.“ |
26. Павле се согласи и веќе следниот ден, заедно со тие луѓе, ја изврши церемонијата на исчистување. Потоа влезе во храмот и го објави датумот кога нивниот завет ќе биде исполнет и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва. |
27. Токму кога седумте дена беа при крај група Евреи од покраината Азија го видоа Павле во храмот, го фатија, па поттикнаа бунт кај народот, |
28. викајќи: „Израелци! Помагајте! Овој е човекот кој секаде каде што оди ги учи луѓето против нашиот народ, им кажува да не се придржуваат до еврејските верски закони и зборува против овој храм! Тој дури се осмели во храмот да доведе неевреи и така да го оскверни ова свето место!“ |
29. (Тие претходно го беа виделе во градот ефешанецот Трофим во друштво со Павле и мислеа дека тој го довел и во храмот.) |
30. Целиот град се крена на нозе. Се насобра многу народ, го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот и веднаш зад него ги затворија портите. |
31. Кога се готвеа да го убијат, до командирот на римскиот полк стигна веста дека целиот Ерусалим е на нога! |
32. Тој веднаш повика војници и помлади офицери, па со трчање отидоа кај толпата. Кога ги видоа полковникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле. |
33. Полковникот го уапси Павле и нареди да го врзат со двојни син?ири. Потоа праша кој е овој човек и каков прекршок сторил. |
34. Едни од толпата викаа едно, други друго, па полковникот не можеше ништо да разбере. Затоа нареди да го одведат Павле во тврдината каде што беше сместена војската. |
35. Кога дојдоа до скалите, толпата се однесуваше толку насилнички, што војниците мораа да го кренат Павле и да го носат, за да го заштитат. |
36. Толпата продолжи да оди по нив и да вика: „Убијте го!“ |
37. Пред да влезат во воената тврдина, Павле му рече на полковникот: „Ако ми дозволите, јас би сакал да ви кажам нешто.“ “Зар ти знаеш грчки?“ - му одговори полковникот изненадено. |
38. „Значи ти не си оној Египќанец што пред извесно време крена бунт и поведе во пустината четири илјади убијци!“ |
39. Павле му одговори: „Јас сум Евреин од познатиот град Тарс во покраината Киликија. Сакам да ве замолам да ми дозволите да им се обратам на луѓето.“ |
40. Полковникот му дозволи и Павле застана на скалите. Им мавна со раката да молкнат. Кога настана длабока тишина, тој им се обрати на нивниот, арамејски јазик: |