Дела 17:16-34 |
16. Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли. |
17. Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму. |
18. Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“ |
19. Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш? |
20. Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“ |
21. (Атињаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.) |
22. Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе, |
23. зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: ,На непознатиот Бог‘. Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него. |
24. Тој Бог го создаде светот и се што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце. |
25. Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и се што му треба. |
26. Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата Земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта, |
27. за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас! |
28. Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: ,Ние сме Негови деца.‘ |
29. Затоа, штом знаете дека сме Божји чеда, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе. |
30. Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог. |
31. Зашто Тој го има одредено денот во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо Го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“ |
32. Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“ |
33. Тогаш Павле си замина оттаму, |
34. а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисиј, член на Ареопагот, една жена по име Дамара и уште неколкумина други. |