Јован 15:1-27 |
1. Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза, а Мојот небесен Татко е Лозарот. |
2. Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти, за да дава уште повеќе род. |
3. Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. |
4. Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата, така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене. |
5. Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете ништо. |
6. Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. |
7. Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. |
8. Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици, тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко. |
9. Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. |
10. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов. |
11. Ова ви го кажав за да бидете наполно радосни, како што Сум Јас. |
12. Сега ви заповедам: Сакајте се меѓу себе како што Јас ве сакам. |
13. Најголема љубов што некој може да ја искаже спрема своите пријатели е да го даде својот живот за нив. |
14. Ќе ве сметам за Мои пријатели, ако го извршувате она што ви го заповедам. |
15. Не ви зборувам како на Мои слуги, зашто слугите не знаат што прави нивниот господар, туку ве сметам за пријатели, и затоа ви го објавив сето она што Ми го кажа Мојот небесен Татко. |
16. Не Ме избравте вие Мене, туку Јас ве избрав вас и ве испратив да одите и да создавате плод - таков плод што трајно ќе остане. Тогаш Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име. |
17. Значи, ви заповедам да се сакате еден со друг!“ |
18. „Кога луѓето од овој свет ќе ве мразат, сетете се дека прво Мене Ме замразија. |
19. Да му припаѓавте на светот, тој ќе ве сакаше како свои. Но Јас ве избрав од светот и вие не му припаѓате на светот; затоа светот ве мрази. |
20. Спомнете си на зборовите што ви ги кажав: ?Слугата не е поголем од својот господар‘. Штом Мене Ме прогонуваа, и вас ќе ве прогонуваат. Штом Моето учење го слушаа, ќе го слушаат и вашето. |
21. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној што Ме испрати. |
22. Да не дојдев и да не им зборував, немаше да бидат виновни за грев. Но сега немаат изговор за своите гревови. |
23. Кој Ме мрази Мене - Го мрази и Мојот Татко. |
24. Да не бев направил чуда меѓу нив, какви што никој друг не направил, немаше да бидат виновни за грев. Но тие, и покрај тоа што ги видоа Моите дела, сепак не замразија и Мене и Мојот Татко. |
25. Но ова е за да се исполни претскажаното во Светото Писмо: ,Без причина Ме замразија‘. |
26. Кога ќе дојде Помошникот - Духот на вистината, Кој произлегува од Таткото и Кого Јас ќе ви го пратам од Таткото - Тој ќе ја објавува вистината за Мене. |
27. А и вие ќе ја објавувате вистината за Мене, затоа што од почеток сте со Мене.“ |