Дела 6:1-15 |
1. Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. |
2. Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. |
3. Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, |
4. а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“ |
5. Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. |
6. Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив. |
7. Божјата порака се пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера. |
8. Бог беше благонаклонет спрема Стефан и му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. |
9. Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена ?Синагога на ослободените‘ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. |
10. Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, |
11. тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“ |
12. Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното собрание. |
13. Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм и против Мојсеевиот Закон. |
14. Го слушнавме како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“ |
15. Тогаш сите што седеа во собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел. |