Дела 2:22-47 |
22. Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. |
23. Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин, Го распнавте на крст и Го убивте. |
24. Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. |
25. За Него, Давид вели: ?Знам дека Господ е постојано со мене, Тој ми е оддесно - нема да потклекнам! |
26. Поради тоа срцето ми е весело, и душата ми се радува; а и телото во надеж ќе ми почива, |
27. зашто Ти во гробот нема да ме оставиш, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да доживее распаѓање. |
28. Ти ми го објави патот на животот, Твоето присуство ќе ме исполни со радост.‘ |
29. Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. |
30. Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, |
31. претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос, Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање. |
32. Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. |
33. Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. |
34. Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече: “Му рече Јахве на мојот Господ: ,Седни на почесното место, од Мојата десна страна, |
35. додека не ги претворам Твоите непријатели во чергиче што ќе го газат стапалата Твои!‘“ |
36. Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија!“ |
37. Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“ |
38. Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. |
39. Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите, и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“ |
40. Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“ |
41. Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. |
42. Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера и на молитви. |
43. Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. |
44. Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. |
45. Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. |
46. Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. |
47. Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души. |