Дела 2:1-21 |
1. Кога дојде празникот Духовден, сите христијани се собраа на едно место. |
2. Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. |
3. Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. |
4. Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни јазици, како што им даваше способност Светиот Дух. |
5. Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. |
6. Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик! |
7. Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? |
8. Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? |
9. Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија, |
10. во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим |
11. (Евреи и прозелити), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ |
12. Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ |
13. Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“ |
14. Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: |
15. Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет часот наутро. |
16. Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел: |
17. ,Во последните денови‘ - вели Бог,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе, па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши, момчињата ќе имаат виденија, а старците ќе сонуваат соништа. |
18. Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух врз сите Мои слуги и слугинки, и тие ќе пророкуваат. |
19. Ќе правам чуда горе на небесата и видливи докази долу на Земјата - крв и оган и столбови од чад. |
20. Сонцето ќе поцрни, а Месечината ќе се вцрви како крв, пред да дојде тој голем и славен Господов ден. |
21. Тогаш секој што ќе го повика името Господово ќе биде спасен.‘ |