Јован 20:1-31 |
1. Во неделата, уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот иставен од отворот на гробницата. |
2. Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“ |
3. Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот. |
4. Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот. |
5. Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре. |
6. Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму, |
7. како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место. |
8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува; |
9. (зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите). |
10. Потоа учениците се вратија дома. |
11. Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата |
12. и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете. |
13. Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“ “Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа |
14. Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна. |
15. Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече: “Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“ |
16. Исус и рече: „Мирјам!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.) |
17. Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“ |
18. Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа. |
19. Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав. |
20. Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа. |
21. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ |
22. Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух! |
23. Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“ |
24. Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. |
25. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“ |
26. По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав! |
27. Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“ |
28. Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“ |
29. А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“ |
30. Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. |
31. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот. |