Јован 12:1-26 |
1. Шест дена пред празникот Пасха, Исус се врати во Бетанија. Тоа беше местото каде што живееше Лазар, кого Исус го оживе од мртвите. |
2. Таму Му беше приредена вечера на Исус. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата заедно со Исус. |
3. Тогаш Марија зеде половина литар чист и скапоцен нардов парфем, Му ги полеа стапалата на Исус и Му ги избриша со својата коса. По куќата се рашири пријатниот мирис на парфемот. |
4. Еден од Исусовите ученици, Јуда Искариот, (кој подоцна Го предаде) рече: |
5. „Овој парфем можеше да се продаде за триста денарии, а парите да им се разделат на сиромасите!“ |
6. Ова не го рече од грижа за сиромасите, туку затоа што беше крадец. Имено, тој беше благајник и си земаше од парите што беа кај него. |
7. „Оставете ја!“ - одговори Исус на тоа. „Парфемот бил чуван за да послужи за Мојот погреб. |
8. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, а Мене Ме немате секогаш.“ |
9. Во меѓувреме голем број Евреи дознаа дека Исус е таму, па дојдоа, не само заради Него, туку и да го видат Лазара, кого Тој го оживе од мртвите. |
10. Тогаш свештеничките поглавари решија да го убијат и Лазара, |
11. бидејќи заради него голем број Евреи ги напуштаа свештениците и почнуваа да веруваат во Исус. |
12. Следниот ден многубројниот народ што беше дошол на празникот разбра дека Исус доаѓа во Ерусалим. |
13. Луѓето зедоа палмови гранчиња, па излегоа да Го пречекаат, извикувајќи: „Спаси не сега! Благословен е Тој што доаѓа во името на Господ! Благословен да е Царот на Израел!“ |
14. Исус најде едно младо магаре и се качи на него, токму како што беше претскажано во Светото Писмо: |
15. „Не плаши се, ерусалимски народе! Погледни! Царот твој доаѓа, јавајќи на младо магаре!“ |
16. Во почетокот Неговите ученици не сфатија дека ова беше исполнување на пророштвото, но кога Исус се прослави, тогаш си спомнаа дека ова беше претскажано за Него и дека тие беа учесници и очевидци. |
17. А народот што беше со Исус кога Тој го повика Лазара од гробот и го оживе од мртвите продолжуваше да раскажува насекаде за таа случка. |
18. Како резултат на тоа, многуброен народ излезе да Го пречека, откако слушна дека Тој го направил ова чудо. |
19. Тогаш фарисеите си рекоа: „Гледате дека се е залудно! Целиот народ тргна по Исус!“ |
20. А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. |
21. Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ |
22. Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус. |
23. Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава. |
24. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. |
25. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. |
26. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“ |