Јован 11:1-29 |
1. Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта. |
2. (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.) |
3. Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус: “Господе, твојот драг пријател се разболе!“ |
4. Штом го слушна тоа, Исус рече: „Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.“ |
5. (Исус многу ги сакаше Марта, нејзината сестра и нивниот брат Лазар.) |
6. Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше. |
7. Потоа им рече на Своите ученици: „Ајде сега да се вратиме во Јудеја!“ |
8. „Учителе!“ - Му рекоа учениците - „Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?“ |
9. Исус им одговори: „Денот има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина. |
10. Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.“ |
11. Откако го рече ова, Исус им најави: „Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.“ |
12. „Господе“, - Му рекоа учениците - „Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!“ |
13. (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.) |
14. Тогаш Исус отворено им рече: „Лазар умре. |
15. Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.“ |
16. Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак, им рече на учениците: „Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!“ |
17. Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. |
18. Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри. |
19. Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. |
20. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома. |
21. Марта Му рече на Исус: „Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! |
22. Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!“ |
23. „Брат ти ќе воскресне!“ - и одговори Исус. |
24. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.“ |
25. Тогаш Исус и одговори: „Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! |
26. Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?“ |
27. „Да, Господе“, - Му одговори Марта - „јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!“ |
28. Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: „Учителот е овде и те вика!“ |
29. Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет. |