Јован 3:19-36 |
19. Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли. |
20. Секој што врши зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај неа, за да не се разоткријат неговите гревови. |
21. Оној, пак, кој живее според вистината, доаѓа кај Светлината за да се види дека неговите постапки се направени во послушност спрема Бог.“ |
22. По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. |
23. Јован исто така крштаваше во Енон, близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. |
24. Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор. |
25. Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. |
26. Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“ |
27. Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото. |
28. Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. |
29. Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. |
30. Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“ |
31. Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. |
32. Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. |
33. Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. |
34. Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. |
35. Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. |
36. Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна! |