Јован 2:1-25 |
1. По три дена мајка Му на Исус беше на една свадба во градот Кана, во покраината Галилеја. |
2. На свадбата беа поканети и Исус со Неговите ученици. |
3. Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“ |
4. „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“ |
5. Тогаш мајка Му им рече на слугите: „Направете се што ќе ви каже!“ |
6. Таму имаше шест камени садови за вода, кои беа наменети за обредно миење, според еврејскиот обичај. Секој од нив собираше од 80 до 120 литри. |
7. „Наполнете ги садовите со вода!“ - им рече Исус. Тие ги наполнија до врвот. |
8. Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на шефот на послугата!“ Тие му однесоа. |
9. Кога тој ја проба водата, што сега се беше претворила во вино, не знаејќи од каде е (само слугите кои нацрпија од водата знаеја), го повика младоженецот, |
10. па му рече: „Секој човек го служи прво најдоброто вино, а кога ќе се заситат гостите, го служи полошото. Ти, пак, си го чувал најдоброто вино се до сега!“ |
11. Исус го направи ова во галилејското место Кана и тоа беше Неговото прво чудо, со кое Исус ја покажа Својата слава и Неговите ученици поверуваа во Него. |
12. По ова, Исус, мајка Mу, Неговите браќа и Неговите ученици заминаа за Кафарнаум, каде што останаа неколку дни. |
13. Наближуваше еврејскиот празник Пасха па Исус се искачи во Ерусалим. |
14. Таму, пред храмот, Тој затекна продавачи на говеда, овци и гулаби, и менувачи на пари. |
15. Откако си направи камшик од јаже, ги избрка сите надвор, заедно со овците и говедата, а на менувачите им ги истури парите и им ги испреврте масите. |
16. На продавачите на гулаби им рече: „Изнесете ги одовде! Престанете да го претворате Домот на Мојот Татко во пазариште!“ |
17. Неговите ученици се сетија дека во Светото Писмо пишува: „Ревноста кон Божјиот Дом Ме изеде!“ |
18. По тој повод, еврејските верски водачи Му се обратија со прашањето: „Со каков чудотворен знак ќе ни докажеш дека имаш овластување да го правиш ова?“ |
19. Исус им одговори: „Разурнете го овој храм и Јас за три дена ќе го подигнам!“ |
20. Тогаш еврејските водачи Му рекоа: „Овој храм бил граден четириесет и шест години, а Ти би го подигнал за три дена!?“ |
21. Но, Тој им зборуваше за Своето тело како храм. |
22. Затоа, кога воскресна од мртвите, Неговите ученици си спомнаа на тоа што го рече, па поверуваа во Светото Писмо и во зборовите на Исус. |
23. Додека Исус беше во Ерусалим, за време на празникот Пасха, многумина поверуваа дека Тој е Месијата, гледајќи ги чудата што ги правеше. |
24. Самиот Исус, пак, не им се доверуваше, затоа што Тој ги познаваше сите. |
25. Немаше потреба некој да му кажува за луѓето, зашто Тој знаеше што се крие во нивните срца. |