Лука 9:18-36 |
18. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“ |
19. Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“ |
20. „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата испратен од Бог!“ |
21. Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому. |
22. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден. |
23. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки. |
24. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси. |
25. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти? |
26. Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели. |
27. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“ |
28. По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли. |
29. Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела. |
30. Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија. |
31. Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим. |
32. Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него. |
33. Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“ |
34. Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија, |
35. а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“ |
36. Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе. |