Лука 13:1-22 |
1. Во тоа време дојдоа некои луѓе кај Исус и Му кажуваа за група Галилејци што ги убил Пилат додека тие принесувале жртви во ерусалимскиот храм, така што нивната крв се измешала со крвта на жртвите. |
2. А Тој им рече: „Немојте да мислите дека овие Галилејци биле најгрешните луѓе меѓу Галилејците, затоа што настрадале на ваков начин! |
3. Не, туку, и вам ви велам: ако не се покаете - сите ќе изгинете така! |
4. И немојте да мислите дека оние осумнаесетмина што беа згмечени кога врз нив падна кулата во Шилоах беа најгрешни меѓу жителите на Ерусалим! |
5. Ви велам дека не беа најгрешни, но ако не се покаете - сите ќе изгинете така!“ |
6. Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Еден човек имаше во лозјето насадено смоква. Кога дојде да набере плод од неа - не најде. |
7. Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години по ред доаѓам и барам плод на оваа смоква, но плод нема; затоа - пресечи ја! Зошто само да ја испостува земјата?“ |
8. А лозарот му одговори: „Господару! Остави ја уште годинава. Јас ќе ја опкопам и ќе ја наѓубрам; |
9. можеби тогаш ќе роди нешто. Ако и потоа не роди ништо - пресечи ја!“ |
10. Една сабота Исус поучуваше во синагогата. |
11. Тука се најде една жена која беше обземена со демонски дух и боледуваше веќе осумнаесет години. Беше целата згрбавена и не можеше да се исправи. |
12. Штом ја забележа, Исус ја повика кај Себе и и рече: „Жено, те ослободувам од твојата болест!“ |
13. Потоа ги стави рацете врз неа и таа веднаш се исправи, па почна да го прославува Бога. |
14. Но управникот на синагогата се налути и му рече на насобраниот народ: „Има шест дена за работа! Тогаш доаѓајте и исцелувајте се, а не во сабота!“ |
15. А Исус му одговори: „Колку сте лицемерни! Сите вие си ги одврзувате волот и магарето од јаслите и ги водите на поење и во сабота, |
16. а се противите на ослободувањето од болеста во сабота на оваа ќерка Авраамова, која Ѓаволот веќе осумнаесет години ја држи врзана!“ |
17. Кога го рече тоа, се посрамија сите Негови противници, а народот им се радуваше на сите чуда што ги правеше Исус. |
18. Потоа Исус рече: „Со што да го споредам Божјото царство? |
19. Тоа може да се спореди со синапово зрно што ќе го посее човек во својата градина. Тоа израснува и се развива во стебло на кое и птиците слетуваат и си прават гнезда меѓу неговите гранки.“ |
20. Исус продолжи: „Со што да го споредам Божјото царство? |
21. Тоа може да се спореди со квасец што го зема жена и го замесува со три мери брашно; и целото тесто нараснува!“ |
22. На пат кон Ерусалим, Исус патуваше низ градови и села, поучувајќи ги луѓето. |