Лука 12:1-31 |
1. Кога се насобра многуброен народ, така што луѓето едни на други си ги газеа стапалата, Исус најпрво им се обрати на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квасец, односно, од нивното лицемерство! |
2. Сe што е прикриено, ќе биде откриено и секоја тајна ќе биде јавно изнесена. |
3. Сe што сте кажале во темнина, ќе излезе на виделина, и тоа што сте го шепотеле во собите, ќе се разгласува од покривите!“ |
4. „Ви велам, пријатели мои: не плашете се од оние што можат да го убијат само телото, а потоа не можат ништо повеќе! |
5. Да ви кажам од Кого треба да се плашите: плашете се од Бога, Кој, откако ќе убие, има моќ да ги фрли луѓето во пеколот! Ве уверувам дека од Него треба да се плашите! |
6. Не се продаваат ли пет врапчиња за две парички? Сепак, ниту едно од нив не е заборавено од Бог! |
7. А вам и влакната на главата ви се броени! Затоа, не плашете се - вие сте многу поскапоцени од јата врапчиња!“ |
8. „Ве уверувам дека, секој што овде на земјава јавно ќе се изјасни дека Ме прифаќа Мене, и Јас ќе се изјаснам дека го прифаќам него, во присуство на Божјите ангели! |
9. Секој, пак, што овде на земјава ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе се откажам и Јас од него пред Божјите ангели. |
10. На оној што Ме навредува Мене, Синот Човечки, може да му се прости, но на оној што Го навредува Светиот Дух - нема да му биде простено! |
11. Кога ќе ве приведат на сослушување во синагогите, пред управници и владетели, не грижете се за тоа како ќе се браните и што ќе зборувате, |
12. зашто во тој час Светиот Дух ќе ве поучи што треба да кажете.“ |
13. Од народот се огласи еден човек и Му рече на Исус: „Учителе! Кажи му на брат ми да го подели со мене имотот што ни остана од татко ни!“ |
14. А Исус му одговори: „Човеку! Кој Ме поставил Мене да ви пресудувам и да ви го делам имотот!?“ |
15. Потоа им се обрати на сите: „Внимавајте и пазете се од секаков вид лакомство, зашто ни на оној што е многу богат, животот не му е сигурен само затоа што е богат!“ |
16. Потоа им ја кажа следнава споредба: “Си беше еднаш еден богат човек, чии ниви родија богат род. |
17. Тој почна да размислува вака: ,Што да правам? Немам доволно место да го соберам сиот род!‘ |
18. Па си рече: ,Еве што ќе направам: ќе ги урнам моите складови за жито и на нивното место ќе подигнам поголеми, па во нив ќе го соберам сето жито и сето мое богатство. |
19. Тогаш ќе и речам на мојата душа: душо, имаш насобрано големо богатство, за многу години. Олабави се, јади, пиј и уживај!‘ |
20. Но Бог му рече: ,Глупаку! Уште вечерва ќе ти ја земам душата! На кого ќе му припадне сето ова што си го насобрал!?‘ |
21. Ете, ваква ќе му биде судбината на секој што си напластува само земни богатства, а не се збогатува со она што вреди пред Бог!“ - заклучи Исус. |
22. Потоа Исус им се обрати на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се премногу за храната и за облеката што ви е потребна. |
23. Животот е многу повеќе од храната, и телото - од облеката. |
24. Гледајте ги гавраните: ни сеат, ни жнеат, ниту имаат амбари и складови; нив Бог ги храни. А колку поскапоцени од птиците сте вие! |
25. Може ли некој да си го продолжи животот преку грижи? |
26. Па, ако не можете да постигнете ни толку мала работа, тогаш, зошто се грижите за останатото!? |
27. Погледнете како растат полските цвеќиња: ниту работат, ниту предат, па, сепак, ви велам дека ни царот Соломон, во блесокот на својата слава, не беше накитен како едно од нив! |
28. Ако Бог вака ја облекува тревата, која денес постои, а веќе утре в оган се фрла, нема ли и за вас да се погрижи? Колку малку вера имате! |
29. Затоа, нека не ве мачат грижи за тоа што ќе јадете или што ќе пиете - не вознемирувајте се за тоа! |
30. Тоа им е својствено на народите кои не го познаваат Бога, кои се јадосуваат поради овие работи. Вашиот небесен Татко знае дека тие работи ви се неопходни. |
31. Вие, пак, грижете се најнапред за Божјото царство, а сите останати работи ќе ви бидат обезбедени. |