A A A A A
Библија за една година
Април 11

Лука 10:25-42
25. Еден учител на верскиот Закон дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“
26. Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо? Што си прочитал во него?“
27. Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“.
28. „Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“
29. Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“
30. Исус му одговори вака: “Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов.
31. Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина.
32. Истото се повтори кога тука помина и еден Левит: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина.
33. Потоа намина еден Самарјанец, му пријде и кога го виде, му стана жал;
34. па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести.
35. Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“
36. Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“
37. „Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“
38. Продолжувајќи го своето патување кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици дојдоа во едно село каде што во својот дом ги пречека една жена по име Марта.
39. Таа имаше сестра, по име Марија, која седна до Исусовите нозе за да Ги слуша Неговите поуки.
40. Марта, пак, беше презафатена со послужување, па Му пријде на Исус и Му рече: „Господе, зар не Ти е жал што сестра ми ме остави да ја вршам целата работа сама!? Кажи и да дојде да ми помага!“
41. А Господ и рече: „Марто, Марто! Прекумерно се грижиш и тревожиш за многу нешта,
42. а само едно е потребно! Марија го одбра најдоброто - она што ќе и остане трајно!“