Марко 11:1-19 |
1. На пат кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици пристигнаа во Бетфага и Бетанија, во близина на Маслиновата Гора. |
2. Исус испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во селото што е пред вас. На самиот влез во селото ќе видите врзано едно младо магаре што досега не е јавано. Одврзете го и донесете го овде. |
3. Ако некој ве праша: ,Што правите?‘, кажете му: ,Му треба на Господ, и Тој бргу ќе го врати!‘“ |
4. Тие отидоа и го најдоа магаренцето врзано до една врата, покрај патот, и го одврзаа. |
5. Некои од луѓето што стоеја таму, ги прашаа: „Зошто го одврзувате магаренцето!?“ |
6. Им одговорија како што им рече Исус и тие ги оставија на мира. |
7. Учениците Му го донесоа магаренцето на Исус, ги положија своите облеки врз магарето, а Тој се качи на него. |
8. Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето. |
9. Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! |
10. Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“ |
11. Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија. |
12. Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне. |
13. Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви. |
14. Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици. |
15. Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби. |
16. Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот. |
17. Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ |
18. Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки. |
19. Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот. |