Лука 5:1-16 |
1. Еднаш, Исус стоеше на брегот на Генисаретското Езеро, а луѓето се туркаа кон Него за да ја слушаат Божјата порака. |
2. Тој здогледа две бротчиња извлечени на брегот. Рибарите беа излегле да ги чистат своите мрежи. |
3. Исус влезе во едно од бротчињата, кое му припаѓаше на Симон, и го замоли малку да го оттурне од брегот. Потоа Исус седна на бротчето и започна да го поучува народот. |
4. Кога заврши со говорот, Исус му рече на Симон: „Одвеслај понатаму, во подлабока вода, и фрлете ги мрежите.“ |
5. Но Симон Му одговори: „Господару, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но штом Ти заповедаш, ќе ги фрлиме мрежите.“ |
6. Кога ги спуштија мрежите уловија толку многу риби, што речиси им се искинаа мрежите. |
7. Ги повикаа другарите од другото бротче да дојдат да им помогнат. Тие дојдоа и ги наполнија двете бротчиња со толку риби, што бротчињата речиси потонаа. |
8. Гледајќи го ова, Симон Петар падна пред Исуса на колена и рече: „Оди си од мене, Господе; јас сум грешен човек!“ |
9. Зашто, голем страв ги беше зафатил и него и оние што беа со него, поради случката со уловените риби. |
10. Истото важеше и за другарите на Симон: Јаков и Јован - синови на Завдај. Исус му одговори на Симона: „Не плаши се! Отсега ќе одиш по луѓе, а не по риби.“ |
11. Тогаш тие ги извлекоа бротчињата на копното, оставија сe и станаа Исусови следбеници. |
12. Еднаш, Исус беше во еден град, кога одненадеж Му пријде еден човек заболен од лепра. Кога Го забележа Исуса, тој падна ничкум пред Него и почна да Го моли: „Господине, ако сакаш, Ти можеш да ме исчистиш!“ |
13. Исус ја испружи Својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди чист!“ И лепрата веднаш исчезна од него. |
14. Исус му нареди никому да не кажува, туку да оди право кај свештеникот за да биде прегледан, а потоа да принесе жртва согласно со Мојсеевиот Закон, како сведоштво за другите. |
15. Но вестите за Исус сe повеќе се ширеа и многуброен народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од своите болести. |
16. Тој, пак, честопати се повлекуваше на пусти места, каде што во осаменост се молеше. |