Лука 4:1-30 |
1. Исус се врати од реката Јордан исполнет со Светиот Дух. Духот Го одведе во пустината, |
2. каде што Ѓаволот Го искушуваше четириесет дена. За сето тоа време Тој не јадеше ништо и на крајот многу огладне. |
3. Тогаш Ѓаволот Му рече: „Ако си Ти навистина Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ |
4. Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб!‘“ |
5. Тогаш Ѓаволот Го крена на високо место и за миг Му ги покажа сите царства на Земјата, |
6. па Му рече: „Ќе Ти дадам власт над сите нив и сиот нивни раскош, зашто тие мене ми се дадени и јас можам да ги давам кому што сакам! |
7. Значи, сево ова ќе Ти припадне Тебе, ако ми се поклониш.“ |
8. Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Поклонувај Му се на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“ |
9. Потоа Ѓаволот Го одведе во Ерусалим, Го постави на врвот од Божјиот храм и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, |
10. зашто во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат‘, |
11. и дека тие ќе Те понесат на своите дланки, за да не си ја сопнеш ногата на камен.“ |
12. Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“ |
13. Исцрпувајќи ги сите можни искушенија, Ѓаволот Го остави, очекувајќи друг погоден момент. |
14. Тогаш Исус се врати во Галилеја, исполнет со силата на Светиот Дух. Набргу Тој стана познат по целиот крај. |
15. Тој поучуваше по синагогите и сите Го фалеа. |
16. Потоа Исус се врати во Назарет, каде што беше пораснал и, како што имаше обичај, во саботата дојде во синагогата. Таму стана да чита од Светото Писмо. |
17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија, а Тој ја отвори на местото каде што е напишано следново: |
18. „Врз Мене почива Духот на Господ, зашто Тој Ме назначи да им ја донесам Радосната вест на бедните, |
19. да им навестам ослободување на заробените, да им го вратам видот на слепите, да ги ослободам угнетените, да го прогласам времето на Господовата лагонаклоност.“ |
20. Потоа ја затвори книгата, му ја врати на служителот и седна. Погледите на сите присутни во синагогата беа вперени во Него, |
21. па Тој им се обрати: „Делот од Светото Писмо што го чувте, се исполни денес.“ |
22. Тој остави силен впечаток кај сите и тие се восхитуваа на љубезните зборови што излегуваа од Неговата уста, па се прашуваа: „Зар Овој не е синот на Јосиф?“ |
23. Тој им рече: „Вие сигурно би ми ја цитирале поговорката: ,Докторе, исцели се самиот себе!‘, а потоа би барале од Мене да го направам и овде, каде што пораснав, она што сте слушнале дека го направив во Кафарнаум. |
24. Но вистина е дека ниту еден пророк не добива признание во своето место на живеење. |
25. Еве ја вистината: иако имаше многу гладни вдовици во Израел, во времето на пророкот Илија, кога три и пол години владееше суша по целата земја, |
26. сепак, Илија не беше испратен кај ниедна од Израел, туку кај една вдовица во Царфат, во Сидонската земја. |
27. Имаше и многу лепрозни во Израел, во времето на пророкот Елиша, но ниту еден од нив не беше исцелен, туку само Нааман, кој беше од Сирија.“ |
28. Кога присутните во синагогата го слушнаа тоа, многу се разлутија; |
29. па станаа и Го исфрлија Исуса од градот и Го однесоа на врвот од ридот на кој се наоѓаше градот, со намера да Го турнат во бездна. |
30. Но Тој успеа да се спровре низ толпата народ и си отиде. |