Марко 14:27-54 |
27. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘ |
28. Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“ |
29. Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“ |
30. Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“ |
31. „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици. |
32. Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“ |
33. Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. |
34. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“ |
35. Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. |
36. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“ |
37. Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? |
38. Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“ |
39. Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. |
40. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат. |
41. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. |
42. Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“ |
43. И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини. |
44. Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“ |
45. Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж. |
46. Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија. |
47. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. |
48. А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови? |
49. Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“ |
50. Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија. |
51. По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело. |
52. Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна. |
53. Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители. |
54. Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите. |