Марко 12:28-44 |
28. Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ |
29. Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог! |
30. Сакајте Го Господ, вашиот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја снага!‘ |
31. Втората заповед е слична на првата, и гласи: ,Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Други заповеди, поважни од овие, нема. |
32. Вероучителот рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека има само еден Бог. |
33. Да се сака Бог со сето срце, разум и снага и да се сака ближниот како самиот себе е повредно од секаков вид жртва!“ |
34. Кога Исус виде дека човекот даде умен одговор, му рече: „Не си далеку од Божјото царство!“ По ова, на Исус никој повеќе не се осмели да му поставува прашања. |
35. Подоцна, додека поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат вероучителите да тврдат дека Месијата му е син на Давид, |
36. кога самиот Давид, поттикнат од Светиот Дух, рекол: ,Му рече Јахве на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ |
37. Ако самиот Давид Го нарекол Месијата свој Господ, како тогаш Месијата може да му биде син!?“ Многубројниот народ со одушевување го слушаше учењето на Исус. |
38. Продолжувајќи да поучува, Исус рече: „Пазете се од вероучителите! Тие уживаат да се шетаат во долги мантии и да бидат поздравувани на јавните места. |
39. Ги сакаат челните места во храмовите и почесните места на гозбите. |
40. Тие им го изедуваат имотот на вдовиците, а божем се молат со долги молитви! Тие ќе бидат најстрого судени!“ |
41. Исус седна во храмот спроти ковчежето за доброволни прилози и ги набљудуваше луѓето како пуштаат пари во него. Забележа дека голем број богати луѓе ставаа големи суми пари. |
42. Дојде и една сиромашна вдовица и пушти две парички. |
43. Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Ве уверувам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите други! |
44. Зашто, сите други дадоа од својот вишок, а таа даде од својата немаштија; даде сe што имаше, целата своја издршка.“ |