Марко 12:1-27 |
1. Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба: “Еден човек си насади лозје, го загради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. |
2. Кога дојде време за гроздобер, тој испрати еден од своите слуги кај лозарите, за да му го донесе делот од бербата што му припаѓа како надомест. |
3. Но лозарите го фатија, го натепаа и го избркаа со празни раце. |
4. Тој повторно им испрати друг слуга, но тие го изудрија по главата и го изнавредија. |
5. Им испрати и трет слуга, но тие го убија. Потоа испрати и многу други слуги, но лозарите едни од нив претепаа, други убија. |
6. Му остана уште само еден: неговиот син-љубимец. На крајот им го испрати и него, сметајќи дека ќе имаат почит спрема него. |
7. Но лозарите си рекоа меѓу себе: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ |
8. И го фатија, го убија, а телото му го исфрлија надвор од лозјето. |
9. Што мислите, што ќе направи сопственикот на лозјето? - Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други лозари! |
10. Зар не сте го читале ова во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана камен-темелник! |
11. Тоа го направи Господ - како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“ |
12. Еврејските водачи сфатија дека оваа споредба се однесува на нив и сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа. |
13. Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат. |
14. Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“ |
15. Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“ |
16. Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие. |
17. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“ |
18. Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа: |
19. „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. |
20. Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца. |
21. Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат. |
22. Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената. |
23. Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“ |
24. Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила! |
25. Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото. |
26. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков!‘ |
27. Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Бог не е Бог на мртвите, туку на живите! Вие сте во голема заблуда!“ |