Матеј 22:23-46 |
23. Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака: |
24. „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат. |
25. Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат. |
26. Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот. |
27. Најпосле умре и жената. |
28. Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“ |
29. „Вие сте во заблуда“ им рече Исус „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила! |
30. Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото. |
31. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог: |
32. ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“ |
33. Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен. |
34. Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно, |
35. и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша: |
36. „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“ |
37. Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“. |
38. Тоа е првата и наедно најважната заповед. |
39. А втората е слична на првата, и гласи: „Сакај го својот ближен како самиот себе!“ |
40. Основата на целиот Божји Закон и целото учење на пророците, се овие две заповеди. |
41. Кога се насобраа поголем број фарисеи, Исус ги запраша: |
42. „Што мислите, чиј потомок е Месијата?“ Тие Му одговорија: „Давидов!“ |
43. А Исус им рече: „Како тогаш Давид, поттикнат од Божјиот Дух, го нарече Месијата ,Господ‘, кога рече: |
44. ,Му рече Јахве на Мојот Господ: седни од Мојата десна страна, додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!‘ |
45. Значи, ако Давид го нарече Месијата ,Господ‘, како може, тогаш, Тој да му биде потомок?“ |
46. На ова никој не можеше да Му одговори ни збор на Исус и од тој ден никој повеќе не се осмелуваше да Му поставува прашања. |