A A A A A
Библија за една година
Февруари 24

Марко 4:21-40
21. Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник?
22. Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае.
23. Ако имате уши - слушајте внимателно!
24. Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде!
25. На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“
26. Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива.
27. Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа.
28. Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна.
29. Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“
30. „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус.
31. „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња,
32. кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“
33. Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив.
34. Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.
35. Таа вечер, Исус им рече на Своите ученици: „Ајде да преминеме на другата страна од езероно!“
36. Тие го отпуштија народот и испловија со бротчето во кое седеше Исус. Ги придружуваа и други бротчиња.
37. Одненадеж, голема бура го зафати езерото. Силни бранови удираа во бротчето и тоа беше во опасност да потоне.
38. Исус беше на задниот дел од бротчето и спиеше на перница. Учениците Го разбудија, викајќи: „Учителе, зар не ти е грижа што ќе загинеме!?“
39. Исус се разбуди и им заповеда на ветрот и на брановите: „Смирете се!“ Ветрот запре и настапи длабока тишина.
40. Потоа Исус им се обрати на учениците: „Зошто се исплашивте? Зар немате вера?“