Матеј 21:23-46 |
23. Кога Исус дојде во храмот и почна да поучува, Му пристапија свештеничките поглавари и народните старешини и Го прашаа: „Со какво право го правиш ова? Кој те овластил?“ |
24. Одговарајќи на ова, Исус им рече: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми одговорите ќе ви кажам и Јас со какво право го правам ова. |
25. Од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте?‘ |
26. Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“ |
27. Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“ |
28. Потоа Исус им рече: „Што мислите за ова што ќе ви го кажам: еден човек имаше два сина. Отиде кај постариот и му рече: ,Синко, ајде појди на лозјето и работи денес таму.‘ |
29. Тој му одговори: ,Не сакам!‘ Но подоцна се премисли и отиде. |
30. Таткото отиде и кај помладиот син и му го кажа истото, на што овој рече: ,Ќе одам, господине‘, но не отиде. |
31. Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие! |
32. Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“ |
33. Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат. |
34. Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест. |
35. Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа. |
36. Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин. |
37. Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘ |
38. Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘ |
39. Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија. |
40. Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ ги запраша Исус. |
41. А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“ |
42. Исус им рече: „Зар не сте читале што вели Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана каментемелник. Тоа го направи Господ, како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“ |
43. „Затоа“ им рече Исус „од вас ќе се одземе Божјото царство и ќе им се даде на луѓе кои донесуваат достоен плод.“ |
44. („Кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој камен ќе го згмечи!“) |
45. Слушајќи ги Исусовите споредби, свештеничките поглавари и фарисеите сфатија дека се однесуваат на нив. |
46. Затоа, тие сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот, кој Го сметаше Исуса за пророк. |