Марко 1:23-45 |
23. Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика: |
24. „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“ |
25. Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“ |
26. Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него. |
27. Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“ |
28. Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја. |
29. Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. |
30. Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. |
31. Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува. |
32. Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. |
33. Целиот град се собра пред вратата. |
34. Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат. |
35. Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. |
36. Симон и другите тргнаа да Го бараат. |
37. Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ |
38. А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“ |
39. Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност. |
40. Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“ |
41. Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“ |
42. Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве. |
43. Испраќајќи го, Исус строго му нареди: |
44. „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“ |
45. Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него. |