A A A A A
Библија за една година
Февруари 10

Матеј 25:31-46
31. „Кога Синот Човечки ќе дојде во Сиот Свој сјај, придружен од сите Свои ангели, ќе седне на Својот славен престол
32. и ќе ги собере околу Себе сите народи. Тој ќе ги одвои во две групи како што овчарот ги одлачува овците од козите.
33. Овците ќе ги постави на Својата десна страна, а козите на левата.
34. Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот.
35. Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте;
36. кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘
37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле?
38. Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле?
39. Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘
40. А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе сте го правеле за Мене!‘
41. Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели!
42. Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте;
43. кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘
44. Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘
45. А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“
46. Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците вечен живот.“