Откровение 16:1-21 |
1. Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“ |
2. Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа. |
3. Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него. |
4. Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв. |
5. Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин, |
6. зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“ |
7. Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“ |
8. Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган. |
9. Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог. |
10. Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог |
11. поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела. |
12. Шестиот ангел го истури својот сад врз големата река Еуфрат и таа пресуши. Тоа им овозможи премин на царевите од Исток со своите војски. |
13. Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби. |
14. Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа! |
15. Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“ |
16. Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо. |
17. Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“ |
18. Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата! |
19. Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев! |
20. Сите острови исчезнаа, а и планините ги снема. |
21. Крупен град со големина на зрната над триесет килограми се истури од небото врз луѓето, а тие Го навредуваа Бога, поради стравотниот град што ги погоди. |