A A A A A
Библија за една година
Декември 26

Откровение 16:1-21
1. Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“
2. Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа.
3. Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него.
4. Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв.
5. Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин,
6. зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“
7. Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“
8. Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган.
9. Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог.
10. Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог
11. поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела.
12. Шестиот ангел го истури својот сад врз големата река Еуфрат и таа пресуши. Тоа им овозможи премин на царевите од Исток со своите војски.
13. Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби.
14. Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа!
15. Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“
16. Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо.
17. Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“
18. Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата!
19. Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев!
20. Сите острови исчезнаа, а и планините ги снема.
21. Крупен град со големина на зрната над триесет килограми се истури од небото врз луѓето, а тие Го навредуваа Бога, поради стравотниот град што ги погоди.