A A A A A
Библија за една година
Декември 22

Откровение 12:1-17
1. Потоа на небото се покажа една чудна појава: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди.
2. Жената се породуваше и врескаше од породилни болки.
3. Тогаш и друга глетка се појави на небото: еден голем црвен Змеј со седум глави и десет рогови; на секоја од седумте глави имаше круна.
4. Со својата опашка Змејот завлече една третина од ѕвездите на небото и ги собори долу на Земјата. Потоа Змејот се упати кон жената за да и го погуби Детето, откако ќе Го роди.
5. Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол.
6. Жената, пак, побегна во пустината, на местото што Бог го беше приготвил како засолниште за неа - таму да биде згрижена илјада двесте и шеесет дни.
7. Тогаш изби војна на небото: Михаел и ангелите под негова команда завојуваа против Змејот и неговите ангели.
8. Змејот беше поразен и тој и неговите ангели беа исфрлени од небото.
9. Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, беше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели.
10. Потоа чув глас од небото, кој рече: „Сега дојде спасението и Царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, бидејќи тужителот на Божјите луѓе, кој деноноќно ги обвинува пред нашиот Бог, е исфрлен!
11. Тие го победија преку крвта на Јагнето и со вистината што ја проповедаа, за која храбро ги жртвуваа и сопствените животи.
12. Затоа, нека се весели небото со сите свои жители! А тешко си им на Земјата и на морето, бидејќи Ѓаволот е фрлен кај нив! Тој е силно разгневен, зашто знае дека му преостанува уште само малку време!“
13. Кога Змејот виде дека е исфрлен на Земјата почна да ја прогонува жената што го роди Синот.
14. Но на жената и беа дадени две крилја како на голем орел, за да може да се скрие во пустината. Таму таа се избави од Змијата и беше згрижена за време од три и пол години.
15. Тогаш Змијата од својата уста испушти млаз од вода како река, обидувајќи се да ја однесе жената со водената струја.
16. Но Земјата и притекна на помош на жената и ја голтна реката што излезе од устата на Змејот.
17. Поради тоа, Змејот се разгневи на жената. Тој тргна во војна против останатите нејзини потомци - против оние што ги извршуваат Божјите заповеди и што Му се верни на Исусовото дело и учење.