Евреите 6:1-20 |
1. Затоа, да ги надминеме веќе еднаш основите на христијанското учење и да се стремиме кон духовно созревање. Нема потреба повторно да ги поставуваме темелите за обраќање од мртвите дела, за верата во Бог, |
2. за крштавањето, за полагањето раце, за воскресението на мртвите и за Вечниот суд. |
3. Ајде да напредуваме, со Божја помош! |
4. Зашто, за луѓето кои еднаш веќе биле просветлени и вкусиле од небесниот дар, се придружиле кон делото на Светиот Дух, |
5. ја вкусиле добрината на Божјата порака и силата на идниот свет, |
6. а потоа Му го свртеле грбот на Бог, нема можност одново да се покајуваат. Таквите луѓе одново Го распнуваат Божјиот Син и јавно Го срамотат! |
7. Ако почвата, откако ќе го впие дождот што често врне врз неа, му роди добра жетва на оној што ја обработува, таа ќе биде благословена од Бог. |
8. Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали! |
9. Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението. |
10. Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега. |
11. Нашата искрена желба е секој од вас да истрае докрај во својата ревност. Така ќе можете да бидете сигурни дека вашата надеж навистина и ќе се исполни. |
12. Само така нема да станете духовно мрзливи, туку ќе го следите примерот на оние што имаат вера и трпение преку кои го наследуваат она што Бог им го вети. |
13. Така, на пример, кога Бог му го даде Своето ветување на Авраам, Тој се заколна дека ќе го исполни тоа што го ветува, и бидејќи нема ништо поголемо од Бога, Тој се заколна во Самиот Себе, |
14. и му рече: „Јас, Господ, ти ветувам дека изобилно ќе те благословам и ќе ти дадам многубројни потомци!“ |
15. Авраам беше стрплив и го доби она што Бог му го вети. |
16. Кога луѓето имаат меѓусебни расправии, тие се заколнуваат во нешто поголемо од себе. |
17. Така и Бог, сакајќи да не увери дека целосно ќе се исполнат Неговите ветувања спрема оние на кои тие им се наменети, кон Своето ветување додаде и заклетва. |
18. Бог не може да лаже! Овие две работи - Неговото ветување и заклетвата - се непроменливи и затоа, за нас што сме нашле прибежиште кај Него, тоа претставува големо охрабрување, бидејќи ние со доверба очекуваме да го добиеме тоа на што се надеваме. |
19. Таа надеж е цврста котва за нашите души и не води преку завесата во Божјото најсвето место, |
20. таму, каде што веќе влезе Исус заради нас и стана наш вечен Првосвештеник од редот на Мелхиседек. |