Ефесјаните 6:1-24 |
1. Деца, бидете им послушни на своите родители бидејќи вие Му припаѓате на Господ. Тоа е примерно поведение. |
2. Првата од Десетте заповеди што содржи и ветување гласи: „Почитувај ги своите татко и мајка.“ |
3. А ветувањето е: „за да ви биде добро и долго да поживеете на Земјата.“ |
4. Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење. |
5. Робови, бидете им послушни на вашите земни господари, со страхопочит, искрено, од се срце, како да Му служите на Христос. |
6. Работете чесно, не само кога ве гледаат, и не за да ја добиете нивната наклоност, туку како робови на Христос кои од се срце ја исполнуваат Божјата волја. |
7. Ревносно исполнувајте ги вашите должности, правејќи го тоа како за Господ, а не како за луѓето, |
8. зашто знаете дека секој што прави добро, било да е роб или слободен, ќе биде награден од Господ. |
9. Истото важи и за вас, господари. Однесувајте се спрема вашите робови според истите принципи и немојте да им се заканувате, зашто знаете дека и тие и вие имате еден ист Господ на небото, кај Кого нема пристрасност! |
10. На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ. |
11. Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на Ѓаволот. |
12. Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори. |
13. Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени. |
14. Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот на праведноста, |
15. обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир. |
16. Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот. |
17. Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово. |
18. Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани. |
19. Молете се и за мене, кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест, |
20. иако сега сум во окови токму поради тоа што, како Божји пратеник ја проповедам Радосната вест. Молете се да продолжам смело да зборувам, како што и треба. |
21. Тихик, мојот драг брат по вера и верен помошник во работата за Господ, ќе ви каже како сум и што правам. |
22. Токму заради тоа го испраќам кај вас, за да ви каже што правиме ние и да ве охрабри. |
23. На сите христијани таму им посакувам мир и љубов со вера што доаѓа од Бог Таткото и од Господ Исус Христос. |
24. Бог нека им биде благонаклонет на сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос со љубов што не гасне. |