2 Тимотеја 2:1-26 |
1. Тимотеј, сине мој, Исус Христос ти е благонаклонет! Дозволи Му да те направи силен. |
2. Она што го слушаше од мене пред многубројни сведоци, пренеси им го на оние луѓе кои заслужуваат таква доверба, луѓе што се способни да поучуваат и други. |
3. Како добар војник на Исус Христос издржи го твојот дел од страдањата, како што и јас го издржувам мојот дел. |
4. Кога еден војник е на должност не треба да се плетка со цивилни работи. Само така ќе може да го исполни она што од него го бара неговиот претпоставен. |
5. Кога еден атлетичар се натпреварува, не може да победи, ако не се придржува до правилата. |
6. Земјоделецот што напорно работи треба прв да вкуси од плодовите на својот труд. |
7. Размисли за ова и Господ ќе ти помогне овие нешта целосно да ги разбереш! |
8. Постојано имај Го на ум Исус Христос! Тој му беше потомок на Давид и воскресна од мртвите. Тоа е Радосната вест што јас ја проповедам. |
9. Поради тоа што ја проповедам Радосната вест сега сум в затвор, како да сум злосторник. Но Божјата порака не е окована! |
10. Готов сум се да издржам, ако со тоа придонесам оние што Бог ги одбрал да добијат спасение и вечна слава, бидејќи Му припаѓаат на Исус Христос. |
11. Вистина е дека: „Ако сме умреле со Христос, со Него и ќе живееме. |
12. Ако издржиме, со Него ќе владееме. Ако се откажеме од Него и Тој ќе се откаже од нас. |
13. Ако не Му бидеме верни, Тој сепак ќе остане верен, зашто Христос не може да се порекне Самиот Себе.“ |
14. Потсетувај ги луѓето на овие работи. Сериозно предупредувај ги во Божјото име да не се фаќаат за збор и од тоа да прават расправии. Од такви расправии ништо добро не може да произлезе. Тие можат само да ги уништат оние што ги слушаат. |
15. Труди се да се докажеш пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, зашто правилно ја проповеда вистината. |
16. Одбегнувај безбожни и бесмислени расправи. Тие само ги оддалечуваат луѓето од Бог. |
17. Таквите учења се како рак-рана што се шири по телото. Именеј и Филет ти се пример за тоа. |
18. Скршнаа од вистината. Тврдат дека мртвите веќе воскреснале. Тоа ја поткопа верата кај некои луѓе. |
19. Без оглед на тоа, темелот што Бог го има поставено е цврст. Врз него стои напишано: „Господ знае кои луѓе се Негови. Секој што се повикува на Господовото име треба да се откаже од секаков грев.“ |
20. Во богатите куќи нема само садови од злато и сребро, туку има и дрвени и глинени садови. Некои се за свечена, а некои за секојдневна употреба. |
21. Така е и со луѓето. Ако човек се исчисти, Бог ќе го издвои за посебни задачи и ќе може да го употреби за секаква добра работа. |
22. Бегај од искушенија својствени за млади луѓе! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што со чисто срце Го повикуваат Господ. |
23. Не учествувај во глупави и бесмислени расправии. Тие само доведуваат до кавги. |
24. Човек што Му служи на Бог не треба да се кара, туку да биде љубезен спрема сите, да ги поучува, да биде трпелив, |
25. кротко да ги поучува оние што и се противставуваат на вистината. Можеби Бог ќе им помогне да се покаат и да ја сфатат вистината. |
26. Тогаш ќе си дојдат на себеси и ќе се извлечат од стапицата во која ги има фатено Ѓаволот и ги има натерано да ги извршуваат неговите наредби. |