2 Тимотеја 1:1-18 |
1. Од Павле, апостол на Исус Христос, кој по Божја волја проповеда за животот што Бог го вети преку вера во Исус Христос. |
2. До Тимотеј, кој ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, Кој е наш Татко, и Исус Христос, Кој е наш Господ, да ти бидат благонаклонети, да покажат милост спрема тебе и да ти дадат мир. |
3. Благодарен сум Му на Бог за тебе. Нему Му служам со чиста совест, онака како што Му служеле и моите предци. Постојано те спомнувам во моите молитви и деноноќно Му се молам на Бог за тебе. |
4. Се сеќавам како пророни солзи при нашата разделба и копнеам пак да те видам, за повторно да се исполнам со радост. |
5. Знам дека имаш искрена вера. Така поверува прво баба ти Лоида, потоа мајка ти Евника, а убеден сум дека и ти веруваш во Господ исто толку искрено. |
6. Затоа те потсетувам да го разгоруваш во себе Божјиот дар што го доби кога положив раце врз тебе. |
7. Божјиот Дух не создаде од нас плашливци. Напротив, ни даде сила, љубов и самодисциплина. |
8. Затоа, немој да се срамиш да им зборуваш на луѓето за нашиот Господ. Немој да се срамиш ни од мене, сега кога сум в затвор поради тоа што проповедам за Господ. Искористи ја силата што ти ја дава Бог и придружи ми се во ширењето на Радосната вест, дури и ако треба заради тоа да поминеш низ страдања. |
9. Бог не спаси и не одбра да живееме свет живот, не поради тоа што ние со нашите постапки тоа го заслужуваме, туку затоа што тоа беше Негов план уште пред почетокот на времето - да ни ја искаже Својата благонаклоност преку Исус Христос. |
10. Сега, со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, тоа ни стана јасно. Од една страна, Тој ја порази смртта, а од друга страна, преку Радосната вест, ни го покажа патот кон вечниот живот. |
11. Бог ме постави за проповедник, апостол и учител на Радосната вест. |
12. Тоа е причината поради која сега страдам в затвор. Но не се срамам! Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил, се до Оној Ден. |
13. Придржувај се до здравото учење што го доби од мене, а верноста и љубовта на Исус Христос нека ти бидат пример. |
14. Со помош на Светиот Дух, Кој живее во нас, чувај го она што Бог ти го довери. |
15. Ти знаеш дека сите христијани што дојдоа овде од Азија, вклучувајќи ги Фигел и Ермоген, ме напуштија. |
16. Господ нека го благослови домот на Онисифор. Тој често ме посетува и не се срами поради тоа што сум в затвор. |
17. Веднаш штом стигнал во Рим упорно ме барал додека не ме најде. |
18. Господ нека му биде посебно благонаклонет во Оној Ден. Вие добро знаете колку многу тој ми помагаше додека бев во Ефес. |