2 Солунјаните 3:1-18 |
1. Понатаму, драги пријатели, молете се за нас. Молете се најнапред учењето за Господ брзо да се шири, па и другите да го почитуваат она што го почитувате вие. |
2. Молете се да не паднеме во рацете на лоши и злобни луѓе, зашто сите луѓе немаат вера во Господ. |
3. Но, во Господ можете да имате доверба. Тој ќе ви даде сила и ќе ве чува од Злиот. |
4. Господ ни дава увереност дека она што ви го наложивме го правите и ќе продолжите да го правите. |
5. Се молам Господ да ви ги насочува срцата кон исполнување со љубов, онака како што Бог е полн со љубов, и кон трпеливост, онака како што Христос е трпелив. |
6. Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. |
7. Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. |
8. Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. |
9. Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. |
10. Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! |
11. Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. |
12. Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. |
13. А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела. |
14. Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат. |
15. Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги како членови на вашето духовно семејство. |
16. Господ нека биде секогаш со вас и нека ви дава мир во секакви околности, зашто Самиот Тој е извор на мирот. |
17. Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле. |
18. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите. |