Ефесјаните 4:1-32 |
1. Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог. |
2. Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате. |
3. Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух. |
4. Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж. |
5. Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање. |
6. Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите. |
7. Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал. |
8. Затоа Светото Писмо вели: „Кога се вознесе во висините, зеде со Себе многу затвореници и им даде дарови на луѓето.“ |
9. Што значи тоа „кога се вознесе“? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата. |
10. Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа. |
11. Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители. |
12. Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело, |
13. се додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос. |
14. Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата. |
15. Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос. |
16. Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов. |
17. Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови. |
18. Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени. |
19. Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи. |
20. Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете. |
21. Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус. |
22. Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама. |
23. Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување. |
24. Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени. |
25. Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината, бидејќи сме органи на едно исто тело. |
26. „Не гневете се во толкава мера та да грешите!“ Гневот нека ви помине уште истиот ден! |
27. Не оставајте простор Ѓаволот да дејствува! |
28. Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош. |
29. Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза. |
30. Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето. |
31. Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од се што е зло. |
32. Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос. |