A A A A A
Библија за една година
Октомври 19

2 Солунјаните 1:1-12
1. Од Павле, Силван и Тимотеј, до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог, нашиот Татко, и на Господ Исус Христос.
2. Ви посакуваме Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.
3. Како што прилега, чувствуваме обврска секогаш да Му благодариме на Бог за вас, драги пријатели христијани, затоа што вашата вера и вашата љубов, еден спрема друг и спрема сите луѓе, постојано расте.
4. Се гордееме со вас пред сите Божји цркви. Им кажуваме колку сте непоколебливи, како вашата вера опстојува и покрај сите прогони и маки низ кои минувате.
5. Тоа покажува дека Бог правилно ве проценил и дека навистина сте достојни да го наследите Божјото царство, за кое и страдате.
6. Бог праведно ќе ги казни оние што ве угнетуваат и мачат,
7. а вам, кои страдате, ќе ви даде починка, како и на сите нас, кога Господ Исус ќе се појави од небото со Своите моќни ангели,
8. со распламтен оган, казнувајќи ги оние што не сакаат да Го признаат Богa и ја отфрлаат Радосната вест на нашиот Господ Исус.
9. Тие ќе бидат казнети со вечно уништување, отстранети од Божјото присуство и од Неговата величествена сила.
10. Ова ќе се случи кога Господ ќе се врати за да Му биде оддадена слава и чест од оние што се Негови, што веруваат во Него. Меѓу нив спаѓате и вие, затоа што поверувавте во она што ви го сведочевме.
11. Вас Бог ве одбра и ние постојано се молиме за вас, Бог да ве направи достојни за тој позив. Се молиме Бог да ви даде сила да ги извршите сите добри дела што посакувате да ги направите и што верата ви налага да ги правите.
12. Така, заради тоа што нашиот Бог и Господ Исус Христос беше толку благонаклонет спрема вас, вие ќе му донесете слава на името на нашиот Господ Исус, а и Тој вам ќе ви донесе слава.