Матеј 4:1-25 |
1. Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. |
2. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. |
3. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ |
4. Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“ |
5. Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот |
6. и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“ |
7. А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“ |
8. Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; |
9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ |
10. Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“ |
11. Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа. |
12. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја. |
13. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали. |
14. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече: |
15. „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога, |
16. народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“ |
17. Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“ |
18. Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари. |
19. Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“ |
20. Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него. |
21. Одејќи понатаму, Исус виде и повика уште двајца браќа: Јаков и Јован, синови на Завдај, кои, заедно со својот татко Завдај се наоѓаа во своето бротче и си ги подготвуваа рибарските мрежи. |
22. Тие веднаш ги оставија бротчето и татка си и тргнаа по Исус. |
23. Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство и исцелувајќи секакви болести и заболувања кај луѓето. |
24. Гласот за Него се рашири дури и во Сирија и кај Него ги доведуваа сите заболени од разни болести, луѓе обземени со демонски духови, епилептичари и парализирани и Исус ги исцелуваше. |
25. По Него тргна голема толпа народ од покраините Галилеја и Декаполис, како и од Ерусалим, од Јудеја и од пределите источно од реката Јордан. |