A A A A A
Библија за една година
Јануари 24

Матеј 15:21-39
21. Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон.
22. Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“
23. Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“
24. Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“
25. А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“
26. Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“
27. Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“
28. На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.
29. Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна.
30. Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше.
31. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.
32. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“
33. А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“
34. Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“
35. Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата,
36. па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот.
37. Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа.
38. А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
39. Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан.