Матеј 12:22-50 |
22. Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа. |
23. Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“ |
24. Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“ |
25. Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане. |
26. Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството? |
27. Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат! |
28. Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало! |
29. Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата? |
30. Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира тој растура! |
31. Ви велам: на луѓето ќе им биде простен секој грев и секоја навреда, но ако Го навредат Светиот Дух нема да им биде простено. |
32. И навредувањето против Мене, Синот Човечки ќе се прости, но навредувањето против Светиот Дух нема да се прости ни на овој свет ни на идниот.“ |
33. „Вие добро знаете дека питомото дрво раѓа питом плод, а дивото дрво раѓа див плод, зашто дрвото се распознава според плодот. |
34. Змиски рожби! Како може од вас да произлезат благородни зборови, кога сте зли!? Устата го зборува тоа што човек го има во срцето! |
35. Благороден човек изговара благородни зборови, бидејќи срцето му е благородна ризница, а лошиот човек изговара лоши зборови, бидејќи срцето му е зла ризница. |
36. Ве предупредувам дека за секој непромислен збор што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден! |
37. Твоите сопствени зборови или ќе те оправдаат, или ќе те осудат.“ |
38. Тогаш некои вероучители и некои фарисеи Му рекоа на Исус: „Учителе, сакаме од Тебе да видиме некој чудотворен знак!“ |
39. А Исус им одговори: „Само грешните и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона: |
40. како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Јас, Синот Човечки, ќе минам три дни и три ноќи во срцето на Земјата. |
41. На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време кога Јона им проповедаше, тие се покајаа. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона а кај вас нема покајание! |
42. И кралицата од Шеба ќе стане на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја за да ја чуе мудроста на Соломон. А еве, пред вас стои Некој што е многу поголем од Соломон, а вие не Го слушате!“ |
43. „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој снови по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа; |
44. тогаш, ќе си рече: ,Да си се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘ При враќањето забележува дека местото е празно, чисто и уредно; |
45. па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што сега состојбата на човекот му е уште полоша од претходната! Тоа ќе ђ се случи и на оваа зла генерација!“ |
46. Исус си уште му говореше на народот, кога пристигнаа мајка Му и Неговите браќа. Тие чекаа надвор и сакаа да разговараат со Него. |
47. Тогаш некој Му рече на Исус: „Ене ги надвор мајка ти и Твоите браќа и сакаат да разговараат со Тебе.“ |
48. А Исус му одговори на оној што му го кажа тоа: „Која ми е мајка и кои ми се браќа?“ |
49. Па, покажувајќи со раката кон Своите ученици, рече: |
50. „Овие ми се и мајка и браќа! Секој што ја извршува волјата на Мојот небесен Татко ми е и брат и сестра и мајка.“ |