Instagram
English
A A A A A
Библија за една година
Април 15

Лука 12:32-59
32. Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот небесен Татко со задоволство ќе ви го даде Царството!
33. Продавајте ги своите имоти и разделувајте им ги парите на сиромасите. На тој начин ќе добиете торби што не се кинат, со трајно богатство на небото - таму, каде што ниту крадци провалуваат, ниту молци уништуваат!
34. Зашто, срцето секогаш ќе ви биде таму каде што ви е богатството.“
35. „Бидете подготвени - облечени за работа и со запалени светилки -
36. како слуги што го очекуваат својот господар да се врати од свадбена веселба. Штом тој ќе пристигне и ќе затропа на вратата, тие веднаш му отвораат.
37. Блазе на тие слуги кои господарот ќе ги затекне будни кога ќе се врати. Ве уверувам дека тој ќе се зафати со работа, а нив ќе ги седне и ќе ги послужува!
38. Блазе ним ако ги затекне будни, макар тој да се врати на полноќ, или в рани зори!
39. Ова запомнете го: кога домаќинот би знаел во кое време ќе му упадне крадец, не би дозволил тој да му провали во куќата!
40. Така и вие, бидете подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“
41. Тогаш Петар Го праша: „Господе, дали оваа споредба се однесува само на нас или на сите?“
42. Во одговор, Господ му рече: „Кој е верен и мудар слуга? Тоа е оној, кого неговиот господар го поставил да раководи со домашните работи и да им дава навреме храна на другите слуги.
43. Блазе си му на тој слуга, ако неговиот господар, при своето враќање го затекне како си ја извршува задачата!
44. Ве уверувам дека господарот ќе го унапреди таквиот слуга, за да раководи со сиот негов имот!
45. Но ако тој слуга си рече: ,Мојот господар ќе го нема уште долго време‘ и почне да ги тепа другите слуги и слугинки, да се оддава на јадење, на пиење и на опивање,
46. тогаш, неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час, и најстрого ќе го казни, фрлајќи го меѓу оние што го изневериле.
47. Слугата кој знаел што очекува од него неговиот господар, а не постапил според неговата волја, ќе биде најсурово казнет.
48. Слугата, пак, кој не знаел што очекува од него неговиот господар, а направил нешто што заслужува казна - ќе биде поблаго казнет. Многу ќе се бара од оној на кого многу му е дадено. Повеќе се очекува од оној на кого повеќе му е доверено!“
49. „Јас дојдов да запалам оган на Земјата - и колку би сакал Мојата задача да беше веќе завршена!
50. Мене Ме очекува страшно „крштавање“ и многу Ми е тешко додека тоа не се заврши!
51. Зар вие мислите дека Јас дојдов да воспоставам мир на Земјата? Ви велам: не мир, туку раздор!
52. Отсега натаму, во семејство од пет членови ќе дојде до поделби за, и против Мене: тројца против двајца и двајца против тројца.
53. Татковци ќе бидат против своите синови и синови против своите татковци; мајки против ќерки и ќерки против мајки; свекрви против снаи и снаи против свекрви!“
54. Исус му се обрати на народот и рече: „Кога гледате дека се креваат облаци на запад, велите: ,Ќе врне дожд!‘ - и така бидува.
55. Кога гледате дека дува јужен ветар, велите: ,Ќе биде горештина!‘ - и така бидува.
56. Лицемери! Изгледот на небото и на Земјата умеете да го препознавате, а не умеете да го препознаете ова време!?“
57. „Зошто самите не пресудите што е право?
58. Ако некој те обвини и те даде на суд, потруди се уште по пат да го разрешиш спорот преку спогодба, за да не бидеш одведен на суд, па судијата да те предаде на органите на законот кои ќе те фрлат в затвор.
59. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму сe додека не го платиш и последниот грош!“