A A A A A
Библија за една година
Април 20

Лука 15:1-10
1. Голем број наплатувачи на данок и други отпадници доаѓаа да Го слушаат Исус.
2. А фарисеите и учителите по верски Закон почнаа да негодуваат, велејќи: „Овој човек се спријателува со отпадници, па и заедно со нив јаде!“
3. Тогаш Исус им ја кажа оваа споредба:
4. „Ако некој од вас има сто овци и една од нив се загуби во пустината, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да тргне по загубената, сe додека не ја најде?
5. А кога ќе ја најде, целиот радосен ја качува на рамото,
6. и ја носи дома. Потоа ги повикува пријателите и соседите и им вели: ,Радосен сум што си ја најдов загубената овца! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘
7. Ве уверувам, дека, на сличен начин, поголема е веселбата на небото за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог, одошто за деведесет и девет праведници на кои не им е потребно покајание!“
8. „Ако една жена има низа од десет сребреници и загуби еден од нив, нема ли да запали светло, да ја измете целата куќа и да го бара сребреникот, сe додека не го најде?
9. Па кога ќе го најде, ги повикува пријателките и сосетките и им вели: ,Радосна сум што си го најдов сребреникот! Ајде да го прославиме тоа заедно!‘
10. Ве уверувам, дека, на сличен начин, Божјите ангели се веселат за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог.“