Марко 8:1-21 |
1. Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече: |
2. „Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна. |
3. Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“ |
4. Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“ |
5. „Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие. |
6. Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот. |
7. Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето. |
8. Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната. |
9. Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди. |
10. Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута. |
11. Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото. |
12. Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“ |
13. Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото. |
14. Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб. |
15. Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите и на Ирод!“ |
16. Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“ |
17. Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!? |
18. Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате! |
19. Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“ |
20. Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со седум леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“ |
21. „Сe уште не разбирате, нели?“ - им рече Исус. |